Општина Неготино планира доградба на сала за венчавки во склоп на општинската зграда. Веќе е најавена јавна презентација на проектот која ќе се одржи на трети февруари во општинската сала, а граѓаните се поканети на презентацијата, со цел да ги достават своите забелешки и предлози.
Најавата за изградба на сала за венчавки, во склоп на општинската зграда доаѓа поради тоа што склучувањето на граѓанските бракови во општината се одвива во постоечката општинска сала, простор каде инаку се одржуваат седниците на Советот, и нема специјално наменет простор за регистрација на бракови.
Како што вели градоначалничката Марија Нацева за ВИКИМЕДИА, не станува збор за изградба на грандиозен објект, туку за доградба на простор каде на младите брачни парови во соодветна атмосфера ќе им биде извршен чинот – стапување во граѓански брак.
-Околу реакциите дека наводно ќе се изврши узурпација на зеленилото околу општинската зграда, тврдам дека тоа дефинитивно нема да биде допрено! Просторот познат помеѓу граѓаните како мал парк, останува ист.
Немаме уште конкретни детали околу тоа колку ќе изнесува овој проект, односно доградбата на салата за венчавки, кога ќе ги имаме прецизните детали и точната сума, ќе се знае дали ќе биде изградена од средства од буџетот на Општина Неготино, или пак од други извори.
Проценивме дека овој проект е потребен за граѓаните, и сите се добредојдени со свои сугестии да учествуваат на јавната презентација на трети февруари (вторник), вели Нацева.
Инаку, во Неготино според ,,Статистичкиот годишник на Македонија за 2024 година”, кој го објави Државниот завод за статистика на почетокот на месецов, се склучиле 85 бракови, а имало 16 разводи.
Исто така, според податоци од ДЗС, од последниот попис во 2021 година во Општина Неготино бројот на населението изнесувал 18.194 лица. Во 2024 година се отселиле вкупно 267 лица, и тоа дури 146 од нив се отселиле во други држави. Истата година се родиле 116 бебиња, а починале 217 лица, што значи дека природниот прираст во општината е негативен.
Токму поради тие податоци, дека бројот на склучени бракови во општината не е голем, а истовремено населението се отселува, дел од реакциите на граѓаните се дека оваа инвестиција не е од витално значење за градот.
В.К.

