Денеска во МВР министерот Панче Тошковски имаше билатерална средба со министерката за внатрешни работи на Албанија, Албана Кочиу.
Како што соопшти Тошковски, на средбата разговарале за конкретни чекори за зајакнување на соработката меѓу двете министерства.
-Нашиот фокус е јасен, а тоа е побрзо преминување на границите, подобра координација и посилна заедничка борба против прекуграничниот криминал и илегалната миграција. Се договоривме до почетокот на летната сезона да го имплементираме One Stop системот и со Албанија, по примерот со Косово и Србија, со што значително ќе се намали времето на чекање на границите.
Разговаравме и за можноста граничниот премин Џепиште – Требиште во иднина да функционира 24/7 во текот на целата година, што ќе значи полесна комуникација, повеќе услуги и поголема поврзаност на граѓаните од двете страни на границата, вели министерот.
Истакнува дека одржале средба на високо ниво посветена на воспоставување Заеднички контакт центар за полициска и царинска соработка, како нов механизам за побрза размена на информации, зајакнување на прекуграничната соработка и граничната контрола, како и за поефикасна борба против илегалната миграција, организираниот криминал и другите безбедносни закани.
-Продолжуваме да градиме односи засновани на доверба, партнерство и заедничка одговорност за безбедноста на нашите граѓани и стабилноста на регионот, порача Тошковски.
Деск

