Иако почина во далечната 2000 година, за доајенот на македонската народна музика, Јонче Христовски, се уште е актуелен јавниот интерес, а поради неговиот живот како роман, редовни се јавните апели да сними филм за неговиот животен пат.
Детали за легендарниот пејач, кој почина на 69-годишна возраст, а кои беа помалку познати за јавноста, ни раскажа неговата ќерка Невенка во постаро интервју.
Невенка е пензионерка која го поминала работниот век во МВР, и мајка на два сина и баба.
-Ме радува што и денес се спомнува името на татко ми, што неговите песни се пеат, оти тоа е најважното, зад него останаа нотите на кои им го посвети животот. И концертите во негова чест ми се многу значајни.
Жалам што мојата сестра близначка Олга не е повеќе меѓу нас, и таа ќе беше горда на сите овие настани на кои се спомнува неговото дело.
Со Олга сме родени во Скопје, во далечната 1959 година. Нашата мајка не ја запознавме никогаш, таа починала на породување. Многу често во медиумите, со години наназад се спомнуваше дека таа починала во скопскиот земјотрес, не знам од каде излезе таа информација, но бидејќи ние не се експониравме јавно, затоа и не се знаат многу детали за нашиот и животот на нашиот татко.
Сестра ми го добила името на мајка ми, Олга, а пак јас сум крстена по баба ми по мајка, Невенка. Токму нашата баба Невенка не изгледа и ни беше како мајка. Ни го посвети животот, а ние ја викавме Мама…
Многу тешко ја доживеавме нејзината смрт, имавме само 14 години. Таа беше тука за нас постојано, додека татко ни мораше да настапува, да оди на турнеји… На сите ни беше многу тешко. Тој се трудеше да го даде максимумот како самохран родител, и ни даде многу љубов, но мајчинската фигура секогаш фалеше, ни раскажуваше Невенка.
Го спомна тешкиот период кога починала баба им, и морале да научат да работат се низ дома. Јонче секогаш бил покрај нив, се однесувал другарски, но во куќата имало ред кој сите го почитувале.
-Научивме да работиме се низ дома. Пеглање, чистење, готвење. Татко ми не научи на дисциплина, и покрај тоа што со нас имаше другарски однос. Како маж, тој другарски пристап му беше начин да биде близок со нас, да знае што ни се случува, низ што минуваме. Не му беше лесно, сам со две девојчиња.
Домот секогаш ни беше полн со луѓе, имаше многу пријатели. Кога одеше на турнеји, за нас се грижеа соседите. Сите имаа разбирање за него, за тешката животна судбина, сам да ни биде и мајка и татко.
Дома, секогаш се пееше. По цели ноќи тој компонираше, пишуваше, душата ја даваше да направи добра песна. Верувам дека успеа во тоа, неговите песни и денес се слушаат, што за нас е непроценливо богатство.
Раскажа дека сестра и Олга се омажила доста млада и живеела во Торонто со семејството. Добила син и ќерка, но починала на 56-годишна возраст.
-Кога сестра ми си замина во Канада, татко ми остана со мене, со моето семејство. Самотијата е тешка работа, иако беше опкружен со нас, блиските, сепак често му спомнував дека треба да си најде сродна душа, да се ожени. Пријателството е една работа, подруго е кога ќе имаш некој постојано покрај тебе, да го делиш секојдневието. Никогаш не ме послуша. До последниот здив ја сакаше мајка ми и жалеше по неа.
Жалеше преку песните, на свој начин. Преку песните ја покажуваше и љубовта кон татковината, тоа му беше начин да ја искаже секоја емоција.
Мајка ми ја викаше Гулабица. Гулабицата моја, Оле, така кажуваше за неа. Кога се разболе од рак тоа го поднесе на нога, храбро. Не сакаше да се жали, одеше напред со крената глава, не дозволуваше болеста да го скрши. Пред да почине, осумнаесет дена пред смртта, тој гостуваше на телевизија. Потоа, кога веќе му стана многу лошо, на смртна постела ја довикуваше мајка ми.
Да ме закопате покрај Оле, гулабицата моја ме вика, закопајте ме покрај неа – кажуваше со последни сили. Му ја исполнивме последната желба – со солзи се сеќаваше Невенка.
В.К.

