Сојузот на синдикатите најавува протести и наредната недела. Како што вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, следната недела први на листа за блокирање се пратниците во Собрание.
-Наредната недела ќе започнеме со блокади, како што најавивме на големиот протест. Ќе започнеме со блокади на Собранието. Веројатно тие ќе бидат првите што ќе ги блокираме, затоа што тие нè блокираа цела година, го чуваа законот во фиока и не сакаа да ги зголемат платите на работниците.
Тоа значи дека пратениците ќе мора да дојдат пешки или со јавен превоз, како што одат работниците на работа. Тој ден нема да можат да наплатат патни трошоци, а ќе побарам од претседателот на Собранието да нè информира кој пратеник побарал патни трошоци за тој ден, рече Трендафилов.
Во средата ССМ одржа голем протест поради неисполнување на барањата за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и на сите останати плати за 100 евра.
Деск

