Доан Сулејманоски, кој седум години е на чело на средното стручно училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари, јавно се огласи по повод протестите на Ромите, кои бурно реагираа поради одземените возила на лицата кои возеле без положен возчаки испит.
Рома Прес, го објави неговиот став за случувањата, во кој тој истакнува дека не ја оправдува причината поради која се протестира, ниту пак ваквиот начин на протестирање, но истовремено не го поддржува говорот на омраза базиран на етничка или друга основа.
Инаку, Сулејманоски е познат по својата борба за интеграција на младите од ромската заедница во образованието, и неретко потенцира дека образованието е клучен фактор за надминување на стереотипите.
Добитник е на европско признание за неговите напори да ги интегрира Ромите во образованието.
Во прилог, неговото јавно обраќање, објавено во Рома Прес:
-Не го оправдувам возењето без возачка дозвола, ниту возењето со истечена регистрација, ниту возачки дозволи без полагање на возачки испит, ниту било која друга форма или барање за непрописно постапување во сообраќајот. Законот мора да важи еднакво за сите и сторениот прекршок или кривично дело не смее да се релативизира од причини кои се надвор од законот и не би имале третман на основа за поблаго казнување, ослободување од казнување и слично.
Протестите се уставно загарантирано право на секој човек, но не за неважење на законот, туку за решавање на клучни проблеми кои можат да влијаат на измени и дополнување на закон, на креирање одржливи инклузивни политики и на други легитимни уставни и законски оправдани причини.
Но, исто така јасно не оправдувам коментари, навреди и ширење говор на омраза по етничка или било која основа. Критиката на однесувањето или на протестот не е омраза (да не се разбереме погрешно), но употреба на деградирачки и дискриминаторски говор, говор полн со омраза, гнев и карактеристики на фашистичкиот период за цели групи на народ или заедници е недозволиво и опасно.
Ваквата појава стана се позачестена за многу општествени случувања, но особено и за Ромите.
Пример од пред некој ден, за случајот во основното училиште во Прилеп, се изначитав страшни коментари, а за ова со протестот дури и полоши од тие претходните. Голем дел од моите пријатели забележав дека се повикуваат на периодот кога требале да се прави сапун од Ромите, па се до денес, како тоа коњот е најпогодно средство за транспорт на Ромите и слично.
Да сумирам:
– Не го поддржувам ваквиот начин на протест и причината за која се протестира.
– Не го поддржувам говорот на омраза базиран на етничка или друга основа.
ПС: Тука генеза на проблемот е основот (причината зошто се протестира) и начинот на кој се истакнува и манифестира незадоволството во конкретната ситуација (како комуницираат со јавноста, како делуваат и постапуваат, колку се информирани, што бараат и што кажуваат како оправдување….), за кои јасно може да се констатира зошто тоа е така – но тоа не е тотално оправдување!
Но, зошто се ова горенаведеното е така и така изгледа и зошто во други случаи не посегнале на ваков начин на делување и протест, од каде извира овој вид на проблем, од кои фактори е условуван, отвореност и спремност на државата за да обезбеди еднакви услови за интеграција, но и за примена на законски решенија со широк импакт…во некоја следна прилика, порача Сулејманоски.
Деск
СУЛЕЈМАНОСКИ, КОЈ ДОБИ ЕВРОПСКО ПРИЗНАНИЕ ЗА НАПОРИТЕ ДА ГИ ИНТЕГРИРА РОМИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО, СО СВОЈ СТАВ ЗА ПРОТЕСТИТЕ
3 Mins Read
Previous ArticleДРАМСКИ ТЕАТАР-СКОПЈЕ НА РЕГИОНАЛЕН ФЕСТИВАЛ ВО СЛОВЕНИЈА

