Една од највлијателните жени во светот, Опра Винфри, го прослави својот 72-ри роденден пред неколку дена на неочекуван, но исклучително инспиративен начин. Наместо гламурозна прослава, Опра сподели видео од теретаната со своите следбеници на Инстаграм, каде што самоуверено изведуваше бројни вежби, покажувајќи импресивна сила и решителност. Со оваа објава, таа испрати моќна порака за виталноста, трансформацијата и важноста од грижата за сопственото тело, без оглед на возраста.
Во видеото, кое брзо стана вирално, Опра го документираше својот 72-минутен тренинг, симболично посветувајќи ја секоја минута на една година од својот живот. Ја гледаме како се справува со разни справи во теретаната со насмевка и решителност, од трака за трчање, велосипед и машина за качување до ски-машина. Нејзиниот труд и енергија се доказ дека возраста навистина може да биде само бројка кога на телото и умот им се посветува соодветно внимание. Во описот на објавата, Опра искрено призна дека никогаш не замислувала дека ќе го прослави својот роденден на таков начин.
“Никогаш не мислев дека ќе го поминам роденденот вежбајќи, а камоли со 72-минутен тренинг! Но, како што стареам, целосно сум свесна дека е привилегија да се има тело што може да издржи трака за трчање, велосипед, машина за качување, ски-машина и секоја друга опрема на која ме става мојот тренер”, напиша Опра, благодарејќи им на сите за роденденските честитки и шеговито додавајќи дека сега ќе си најде книга за читање.
Б.Н.

