Поп пејачот Даниел Кајмакоски, кој со сопругата и децата живее и настапува во Белград, бил киднапиран од две непознати лица (неофицијлано Турци), кои во раните утрински часови, откако завршил со настап, со закана со нож и пиштол го внесиле во неговиот автомобил.
Веста се најде во речиси сите српски медиуми, кои известуваат дека киднаперите барале семејството на Даниел да им исплати 20.000 евра.
Возилото во кое бил пејачот се обидела да го запре полиција, при што возачот забрзал и удрил во заштитна ограда на патот кон Рума, а потоа киднаперите побегнале.
Кајмакоски бил спасен од страна на полицијата, и како што пренесуваат српските медиуми, пронајден со раце врзани со селотејп, но без повреди.
Тој дал изјава во полициска станица, но одбил медицински преглед.
Ова е втора голема животна драма на Кајмакоски, кој пред пет години се најде во домашните медиуми, откако ја пријавил својата поранешна сопруга Кристина Димитријевска дека му ставила дрога во кафето по што му се слошило и добил напад на труење.
Тогаш Димитријевска била повикана во Полициска станица Тетово, но ги негирала тврдењата на пријавителот и изјавила дека се сретнала со поранешниот сопруг за да го види своето дете, додека воопшто не пиеле кафе. Таа го известила и Центарот за социјални работи кога на Кајмакоски му се слошило.
Известен бил Јавен обвинител и се преземаа мерки за расчистување на случајот, но јавноста никогаш не ја дозна разрешницата на истиот.
Инаку, Кајмакоски со втората сопруга Марина и двете деца кои ги има со неа веќе неколку години живее во Србија.
Деск

