-Ја оставив Швајцарија и се вратив во родното село, да направам фарма за магариња и да започнам бизнис со магарешко млеко. Не зажалив за одлуката, тука сум, работам, и не планирам да се враќам во странство, за ВИКИМЕДИА вели Киро.
Киро Гоцевски по потекло од село Нов Истевник, Делчево, пред околу седум години го сврте вниманието на јавноста, кога по 20 години минати во Швајцарија реши да се врати во родниот крај и да започне невообичаен бизнис – да отвори фарма за магариња.
И додека јавноста се прашуваше колку е исплатлив тој бизнис, кој не беше доволно познат кај нас, Гоцевски со ентузијазам ни раскажуваше за своите планови.
Денес, магарешкото млеко од Нов Истевник, кое е познато како доста хранливо, а се користи и за производство на козметика, е препознатлив бренд на пазарот, а Киро има купувачи од цела земја.
-Некој период има повеќе работа, некогаш помалку. Најважно е што магарешкото млеко стана бренд, имаме купувачи од сите градови во Македонија. Го испраќам млекото по такси, стигнува истиот ден, а го купуваат луѓе кои имаат здравствени проблеми, како на пример асма, кашлица, бронхитис…
Одлично е за имунитет, има малку масти, а е богато со протеини и минерали.
Верував во овој бизнис, во кој доста вложив, а секоја работа која се прави со љубов, на крај се исплати. Сега имам 43 магариња на фармата, имам човек кој се грижи за нив.
Во Швајцарија не планирам да се враќам. Името на мојата фарма е Биолек, со тек на време се повеќе луѓе слушаат за неа, а интересот за млекото расте, вели Киро.
Додава дека цената за литар магарешко млеко е околу 50 евра, а купувачите најчесто порачувале по пола литар.
Вики Клинчарова
КИРО ГО ОСТАВИ ЖИВОТОТ ВО ШВАЈЦАРИЈА И ОТВОРИ ФАРМА ЗА МАГАРИЊА ВО РОДНОТО СЕЛО: МИ СЕ ОСТВАРИ СОНОТ, НЕ СЕ ВРАЌАМ НАЗАД ВО СТРАНСТВО!
2 Mins Read

