Штипјанецот Стојанче Зарков – Грофот (54), кој во август лани, пијан ја уби својата 84 годишна мајка, е осуден на казна доживотен затвор.
Убиството го извршил со нож, а откако ја прободел, повикал помош. На судењето тврдел дека не се сеќава дали ја убил мајка му.
Кога се случи убиството, штипјани кои биле пријатели на Грофот, за ВИКИМЕДИА ја раскажаа неговата животна приказна. Раскажуваа дека се работи за познат градски лик, кој долги години ја имал кафеаната ,,Гроф,, која работела со засилено темпо. За неговите пастрмајлии знаела цела Македонија, и од сите градови се порачувале големи количини, дури и за семејни прослави и собири.
-Прекарот Гроф го доби поради локалот, но и поради тоа што тој навистина имаше грофовско однесување. Кога ќе седнеше во кафеаната, сите беа добредојдени, за сите имаше храна и пијалок, не штедеше и каде и да се појавеше, имаше обичај да го почести цел локал. Се има случено и во дискотека да им плати пијалок на сите гости.
Но, откако започна да пие се повеќе алкохол, животот му тргна надоле. Со тек на време, му се натрупаа долгови, ја изгуби кафеаната, ја изгуби и куќата. Со своите сограѓани секогаш беше љубезен, но сите знаевме дека дома има проблеми и дека е насилен кога ќе се напие.
Се случи гоелма трагедија со неговата сопруга, таа заврши на психијатрија поради големи стресови, и на крај почина таму, ни раскажаа познаници на Зарков.
Прашуваа зошто не се презеле мерки на време и зошто не бил сместен во соодветна установа на лекување, кога целиот град знаел дека го малтретира семејството кога ќе се напие, а бил пријавуван и во полиција поради насилното однесување со домашните.
-Се дружеше со најголемите газди, имаше лагоден живот, и финансискиот пад сосема го уништи психички. Од таканаречен гроф, стана алкохоличар без денар во џеб. Сите гледаа колку му е тешко, сведочеа за уништувањето на неговото семејство, ама ниту еден не се најде конкретно да пружи помош, ниту пријател, а што е уште потрагично, ниту било која институција, раскажаа штипјани.
Вики Клинчарова

