Пронајден е возачот кој вчера удрил во крава на магистралниот пат Крива Паланка – Куманово. Фотографија од местото на немилиот настан синоќа се споделуваше на социјалните мрежи, а претходно јавнсота сведочеше на филмската бркотница, кога инспектори на АХВ и полиција се обидуваа да ги заловат распуштените крави на семејството Ѓорѓиевски, кои пак тие ги бркаа кон ридовите и не даваат да бидат фатени и одземени од страна на службите.
-Вчера во 18:00 часот во ОВР Крива Паланка e пријавено дека на магистралниот пат Крива Паланка – Куманово, во село Жидилово, кривопаланечко, товарно возило „мерцедес“, управувано од Е.М.С.(59) од Бугарија, удрило во домашно животно – крава, по што животното починало, а тој со возилото го напуштил местото.
По преземени мерки Е.М.С. бил пронајден и против него ќе следува соодветна пријава. Увид извршила екипа од ОВР Крива Паланка, соопштија од полицијата.
Денес, по повод проблемот со околу 900 крави кои се оставени слободно да се движат во општината, се одржа и протест на кој жителите на Крива Паланка бараа итно постапување и решавање на оваа ситуација која траела веќе десеттина години.
Градоначалникот Сашко Митовски пак, за ВИКИМЕДИА изјави дека бара прогласување на кризна состојба во општината, и побара стручни екипи кои ќе ги заловат и отстранат животните.
В.К.

