Хрватскиот пејач Јаков Јозиновиќ, момчето кое со својата позитивна харизма и глас никого не остава рамнодушен и успева да полни арени со само две авторски песни, денес го најави својот прв концерт во Скопје.
Во рамки на турнејата „За чуда летим“, Јожиновиќ првпат ќе настапи пред македонската публика на 7 април во салата „Јане Сандански“ во Скопје.

Младиот пејач од Винковци, Хрватска, стана вистински музички феномен откако пред да сними свои песни успеваше да полни концертни сали. Сега откако веќе ги сними првите две авторски песни „Polje ruža“ и „Ja volim“, донесе свеж звук на сцената, и тивко, но сигурно, се искачува кон врвот.
Со автентичен стил, емотивна интерпретација и сценска појава на момче од соседството, тој за кратко време успеа да го привлече вниманието на јавноста и да изгради лојална публика.
Јаков денес во Скопје се дружеше со македонските новинари, и забележителна беше неговата искрена и природна непосредност. Во време кога многумина градат внимателно испланиран јавен имиџ, комуникацијата со него оди лесно, тој е спонтан, отворен и свој.
На прашањето на ВИКИМЕДИА дали претходно ја посетил Македонија, Јозиновиќ изјави дека првпат дошол како анонимен млад човек кого никој не го познавал, додека денес е изненаден што има публика и обожаватели дури и во Македонија, иако таа е далеку од градот во кој живее.
Тој истакна дека е особено позитивно изненаден од интересот на македонската публика и додаде дека Балканот го доживува како еден заеднички простор.
-Ние сме еден голем Балкан, сите сме некако свои и слични. Голема чест ми е што ќе настапувам во Македонија, изјави Јозиновиќ.
Според досегашните реакции на публиката и големиот интерес за него, пред овој млад пејач стои светла кариера.
Марија Клинчарова

