По две години откако одржаа турнеја за збогување, Нови Фосили, односно Сања и Зец, најавија голем концерт во Белград.
-На сцена повеќе нема да пееме. Можеби некогаш ќе запееме некаде, во публика, но бендот има многу години, време ни е да се повлечеме достоинствено, порачаа членовите не бендот за хрватските медиуми во 2024 година, а во склоп на тогашната, како што рекоа, турнеја за збогом, одржаа концерт и во Скопје, во Македонска Филхармонија. Тоа беше нивно гостување во Македонија по три децении пауза.
Сега пак, најавуваат дека концертот “Сања и Зец – Најголемите хитови на групата Нови Фосили” ќе се одржи на 6 декември во Сава Центар, нудејќи и на публиката вечер исполнета со емоции, спомени и песни кои ги дефинираа децениите на регионалната поп-музика.
-Во срцето на вечерта ќе бидат гласот и енергијата на Сања Долежал и препознатливиот сценски шарм на Владимир Кочиш Зец, кој ќе ја води публиката низ каталогот на хитови што станаа дел од колективната меморија. Репертоарот ќе вклучува песни кои го придружуваа растењето, љубовта и секојдневните моменти – од „Kako je dobro videti te opet“, „Da te ne volim“ i „Milena“, do „Reci mi tiho“, „Šuti moj dječače plavi“ и „Košulja plava”, објавија српските медиуми.

Групата Нови фосили беше формирана во Загреб кон крајот на 1960-тите, но својот препознатлив звук го развија во текот на 1970-тите и 1980-тите, кога станаа еден од најпопуларните бендови во поранешна Југославија. Композиторот Рајко Дујмиќ одигра клучна улога во нивниот успех; неговиот препознатлив допир ги обликуваше мелодиите кои комбинираа едноставност, топлина и емоционална непосредност.
Нивните песни беа редовно присутни на фестивали, на радио и во семејните моменти, а нивниот препознатлив баланс на поп-сензибилитет со текстови за секојдневни емоции ги правеше блиски до широка публика. Нови фосили не беа само бенд – тие беа звукот на една ера, препознатлива по својот оптимизам, мелодија и искреност.
Деск

