Неговиот живот заврши кога имаше само 46 години, во далечната 1986 година, на возраст кога можеше да даде уште многу, како за театарот, така и за филмската уметност. На денешен ден е роден истакнатиот актер Ристо Шишков, човекот кој зад себе, во својот краток живот остави богата филмографија во земјава.

-Мојот татко почина далечната 1986 год, кога имав 6 години и искрено имам многу малку спомени кои ме врзуваат за тој период од животот, можам да кажам дека создавам приказна од мозаичните припомнувања на блиските и далечните пријатели на Шишков.
Неговата смрт беше реална и болна, но причината на заболувањето беа нечовечноста и предавството. Процесот на разочарувањето во „своите“ значеше долго и тивко разоружување на потенцијалот на Големиот, ни раскажа во интервју од пред четири години неговата ќерка Јоана.
Во екот на својата популарност, Шишков беше обвинет како националист, сепаратист и хегемонист на 15 јануари 1980 замина во затвор. По враќањето, се соочи со тешка болест.

-Откога падна болен, ние немавме средба, јас бев мала да се соочам со таа комплицирана немилосрдност на животот, но затоа последните средби беа средби на радосна игра меѓу татко и дете. Чувството е убаво, како и на секоја ќерка кон својот татко, интимно и нераскинливо, се сеќаваше неговата ќерка.
На нашето прашање, кога Ристо Шишков денес би можел да види како се живее во Македонија, што би кажал, таа одговори: Ристо Шишков каков што го познаваме би бил гневен и лут со тоа што би го затекнал во својата родна земја, со оглед на ретроградните варијации на општествениот и културниот живот, но јас си помислувам на еден нов Шишков кој со својот креативен импулс би ги покренал заспаните рудници на интелектуална и уметничка сила која долго молчи на тлото на македонската земја.
В.К.

