По 19 дена минати пред полициската станица во Свети Николе, каде штрајкуваше со глад, Дејан Јанков за ВИКИМЕДИА открива дека решил да го паузира штрајкот на две недели, бидејќи е во тешка здравствена состојба. Откако малку ќе закрепнел, по две недели, планирал да продолжи со штрајкот, но не во Свети Николе, туку пред седиштето на МВР во Скопје.
Причина за гладувањето на овој човек е да се слушне неговиот апел и институциите сериозно да се посветат на случајот со неговата сопруга Злата, која исчезна пред речиси две години, на 45-годишна возраст.
-Премногу сум исцрпен и во изминатите 19 дена бев само на вода. Никој не ми ни погледна! Немам информација дека има било каков напредок во истрагата за мојата сопруга, затоа решив по две недели, откако малку ќе си ја повратам силата, да продолжам со штрајк со глад пред Миниситерството за внатрешни работи во Скопје. Да се надевам дека барем од таму ќе се слушне мојот глас и молбите на моето семејство, кое живее во агонија од денот кога Злата исчезна, вели Јанков.
Појаснува дека зе време на штрајкот започнал да добива поддршка од голем дел од неговите сограѓани, кои сочувствувале со него и покажале емпатија. Но, како што вели, емпатијата му дава морален поттик, но клучни во случајот се институциите, кои на дело треба да покажат дека Злата не е заборавена, и да се започне со истрага од почеток, без никакви пропусти.
-Им благодарам на луѓето кои сочувствуваат со мене, ми значи нивната поддршка. Се надевам дека и институциите конечно ќе покажат ажурност, поради овој настан кој на сите дома ни го промени животот од корен и ние не можеме да најдеме мир додека не дознаеме што се случило со Злата, вели Дејан, кој зе време на штрајкот неколкупати беше пренесен во болница, каде му била дадена витаминска терапија, по што пак се враќаше пред полициската станица и продолжуваше со штрајкувањето.

Минатата недела, додека тој беше хоспитализиран, неговиот брат Ангел ни изјави дека од полиција разговарале со 19-годишниот син на Злата и го повикале да даде примерок за ДНК анализа.
Денес Дејан вели дека ДНК анализата била направена со цел да се утврди дали женското тело во распаѓање, кое беше пронајдено во Зрновци, покрај река, е можеби нивната Злата.
-Од она кое го дознавме, сакаат со ДНК анализа да дознаат чие е телото пронајдено во Зрновци и дали можеби тоа е Злата. Му зедоа примерок на синот, но после тоа повеќе никој не не контактираше и не знаеме дали имаат добиено резултати.
Сакам да им порачам на надлежните служби и на јавноста дека ние од 16 јуни 2024 година, кога Злата исчезна среде бел ден, немаме мир, и тоа ќе биде така се додека не ја дознаеме судбината на нашата сопруга и мајка. Не се откажувам од штрајкот, бидејќи јас веќе не знам на кој друг начин да придонесам да се активира истрагата и да се открие вистината, ни изјави Јанков.
Вики Клинчарова

