Младиот хрватски пејач Јаков Јозиновиќ го имаше својот прв концерт во Македонија, кој се одржа во СЦ Јане Сандански. Концертот беше целосно распродаден, а публиката го пречека со громогласен аплауз и воодушевување уште од моментот кога се појави на сцената. Кога нов изведувач се дочекува така, како што Јаков беше дочекан во Скопје, тоа значи дека луѓето препознаваат силна енергија и човечност.
Овој феномен често се случува: публиката се заситува од „совршено испеглани“ артисти и повторно бара нешто вистинско. Ако Јозиновиќ навистина ја носи таа скромност и природност, тогаш неговиот успех не е случаен — туку е одговор на тоа што ѝ недостигало на сцената.
Посебен момент на вечерта беше кога публиката во еден глас со него ги пееше песните на Тоше Проески, додека неговата слика блескаше на екраните во салата. Атмосферата беше исполнета со емоции, а Јаков не го криеше своето воодушевување од приемот на македонската публика.
Тој истакна дека досега немал ваков концерт и дека најголем впечаток му оставила токму македонската публика. Според него, не му било тешко да научи македонска песна од Тоше, а признава и дека никогаш не би поверувал ако некој му кажел дека ќе настапува пред толку многу луѓе, особено ако се земе во предвид дека пред само три години бил во Македонија како анонимен млад човек.
На крајот од концертот, емоциите го совладаа, па Јаков заплака на сцената, нагласувајќи дека ова е најдобрата публика пред која настапувал досега. Тој додаде дека сигурно повторно ќе настапува во Македонија во иднина. 
Јаков, кој има само 20 години, изјави дека сè уште не е целосно свесен за успехот што го доживува и дека ќе му биде потребно време за да го сфати тоа. Исто така, се присети на својата посета на Крушево, каде што не ни помислувал дека ќе биде препознаен, сè додека група обожаватели не му пришле и не почнале да ја пеат неговата нова песна „Ја волим“.
Синоќа во Скопје, една преполна сала сведочеше дека не се бројат песните, туку чувствата.
Марија Клинчарова
ЈАКОВ ЈОЗИНОВИЌ НАПРАВИ СПЕКТАКЛ ВО СКОПЈЕ: ТОЈ Е ОДГОВОР НА ТОА ШТО И НЕДОСТИГАЛО НА СЦЕНАТА!
2 Mins Read

