На 13 април 2026 година во 20:40 часот во ОВР Кавадарци била пријавена сообраќајна незгода во која тешко е повреден 21-годишен жител на Кавадарци.
Според информациите од полицијата, лицето со иницијали А.А. било донесено во Општата болница во Кавадарци со тешки телесни повреди, откако претходно паднало од мотоцикл. Незгодата се случила на некатегоризиран пат на место викано „Ресавски залив“, во близина на Тиквешко езеро.
Како што е наведено во пријавата, младиот кавадарчанец управувал мотоцикл од марката „Јамаха“, при што изгубил контрола над возилото и паднал на патот. Засега нема информации за вмешаност на други учесници во незгодата.
За настанот бил известен јавен обвинител, а увид на местото извршиле полициски екипи. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Деск

