На истиот ден ја доживеа најголемата радост и најголемата тага во животот. Големиот уметник кој со невиден жар ги изведуваше своите песни, и за кого без сомнение може да се напише книга или пак да се сними филм, во ист ден станал татко на две ќерки, близначки, Олга и Невенка, а неговата сопруга Олга починала при породување.
Јонче Христовски (1931- 2000) почина на денешен ден, на 69-годишна возраст. Ги одгледа ќерките сам, со помош на Невенка, мајката на неговата сопруга, а девојчињата ги добиле имињата по мајката и бабата.
Неговата ќерка Невенка во постаро интервју ни раскажа дека никогаш не ја прежалил својата сопруга, и кога му кажувале дека треба да си најде сродна душа и да животен сопатник, само одмавнувал со раката. Пред да почине, на постела ја довикувал својата сопруга Оле, и им оставил аманет на ќерките да го погребаат покрај неа.

Денес Невенка со своето семејство живее во Скопје, додека пак Олга со семејството се преселила во Канада и починала на 56-годишна возраст.
Христовски беше легендарен пејач и композитор, кој остави големо културно богатство, а неговите песни јавноста одамна ги препознава како народни.
В.К.

