Во срцето на стариот град на Дубровник, меѓу камените тврдини и туристичката врева, стои жена која секојдневно потсетува на богатото културно наследство на регионот. Облечена во традиционална носија, таа е жив симбол на минатото и чувар на вековната традиција.
Нејзината приказна започнува од Конавле – голем регион на исток од Дубровник, познат по својот автентичен Конавоски вез. Токму овој вез е срцето на носијата што таа ја изработува со свои раце. Иако денес многу носии се прават од памук, таа останува верна на традицијата и користи свила. Носијата има јасна поделба според сезоните: белата се носи во летниот период, додека црната е карактеристична за зимата.

Посебно внимание привлекуваат капите – мажените жени носат црвена капа украсена со злато, додека девојките носат црвена капа со сатен. Традицијата се гледа и во деталите: за свечени пригоди се носат бели престилки, додека за секојдневие – модри. Секој елемент има свое значење и раскажува приказна за животот, обичаите и статусот на жената во минатото.
Со своето присуство во тврдините на Дубровник, таа не само што ја претставува народната носија, туку и активно ја одржува жива традицијата на Конавле, пренесувајќи ја на новите генерации и на сите посетители кои сакаат да ја почувствуваат автентичната култура на овој крај.

Нејзиното присуство не поминува незабележано – туристите со љубопитност застануваат, фотографираат и се интересираат за нејзините рачно изработени производи, кои претставуваат автентичен сувенир од регионот.
На тој начин, таа не само што ја презентира традицијата, туку и активно придонесува за нејзиното зачувување и промоција меѓу посетителите од целиот свет. Таа љубезно им објаснува за значењето, изработката и традицијата зад секој производ, приближувајќи им ја културата на Конавле на посетителите.
Од Дубровник за ВИКИМЕДИА
Марија Клинчарова

