Министерот за јавна администрација Горан Минчев и претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата Адем Чучуљ потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува нова рамка за координирана институционална акција насочена кон јакнење на интегритетот во јавниот сектор.
Со документот се предвидува засилена соработка меѓу двете институции во насока на унапредување на едукацијата на административните службеници, со цел подигнување на нивото на свесност за спречување на корупцијата, судирот на интереси, заштитата на укажувачите, како и зајакнување на етичките стандарди во јавната администрација.
Меморандумот опфаќа развој и заедничка имплементација на едукативни програми и активности, како и иницијативи од заеднички интерес во рамки на законските надлежности на двете институции. Дополнително, предвидена е и размена на податоци, спроведување истражувања и заедничко дефинирање на препораки за унапредување на административните процеси.
Од институциите посочуваат дека со ова партнерство се зајакнуваат напорите за системско унапредување на капацитетите на администрацијата, како и за градење култура на отчетност, транспарентност и професионализам.
Според најавите, соработката треба да придонесе кон поефикасно препознавање и адресирање на ризиците од корупција, како и кон долгорочно јакнење на интегритетот во јавниот сектор.
Деск
Previous ArticleПОСЕБЕН СООБРАЌАЕН РЕЖИМ ВО СКОПЈЕ ПОРАДИ ПРВОМАЈСКИОТ ПРОТЕСТ

