Во свет каде што често се зборува за разлики, во Струмица се живее една поинаква вистина – тивка, но силна, напишана во детски насмевки и искрени прегратки.
Верче Туфекчиева не е „гостин“ кога ќе дојде меѓу учениците од четврто 1 одделение при ООУ „Маршал Тито“. Таа е дел од нив. Дел од нивната игра, нивните разговори, нивниот мал свет во кој нема место за етикети. Со Даунов синдром или без – за нив тоа не е важно. Важно е што Верче е тука.
Кога ќе се појави, очите им светнуваат. Некој трча да ја прегрне, друг ја фаќа за рака, трет веќе ѝ раскажува нешто возбудено. Тоа не се научени реакции – тоа е чиста, природна љубов. Децата од ромската заедница ја прифаќаат без задршка, без прашања, без дистанца. Кај нив нема „различен“ – има само „наш“. И додека возрасните понекогаш поставуваат граници, тие ги бришат со едноставен гест – прегратка што кажува повеќе од илјада зборови.

Наставничката Ирена Ристова Стевкова стои тивко зад оваа приказна, но нејзиното влијание е големо. Таа ги учи дека вистинската вредност не се гледа со очи, туку се чувствува со срце. Дека прифаќањето не е лекција – туку начин на живеење.
-Учениците често доаѓаат во здружението за поддршка на лица со Даунов синдром „Вера“, за ВИКИМЕДИА вели Анче Туфекчиева – мајката на Верче, која е на чело на здружението со години наназад. Раскажува дека овие средби стануваат нешто повеќе од обични посети. Тие се доказ дека љубовта може да изгради мостови таму каде што другите гледаат ѕидови. Дека поддршката и заедништвото можат да го направат светот помек, потопол, поправеден.
Овие деца не зборуваат за инклузија – тие ја живеат. Не анализираат разлики – тие ги прифаќаат. И токму затоа нивниот пример е толку моќен. Затоа што вистината е едноставна: предрасудите не се раѓаат во детските срца. Тие доаѓаат подоцна – ако им дозволиме. А овде, меѓу овие деца, тие едноставно немаат место.
В.К.

