Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври“ распиша конкурс за доделување на највисокото признание во Република Северна Македонија за животно дело во 2026 година.
Наградата „11 Октомври“, која традиционално се доделува секоја година, претставува највисоко признание за исклучителен придонес во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес. Право на доделување имаат поединци, групи творци, екипи, институции, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјата, но и странски државјани и организации чии достигнувања се од значење за државата.
Според условите на конкурсот, на наградените поединци им следуваат диплома, плакета и паричен износ, додека членовите на наградени групи добиваат еднаков дел од наградата. Институциите, пак, се наградуваат со диплома и плакета. Паричниот дел од наградата изнесува 15 просечни месечни плати во државата, пресметани врз основа на последните три месеци од тековната година. Годишно може да се доделат најмногу пет награди.
Иницијатива за доделување на наградата можат да поднесат установи, компании, здруженија и граѓани, при што предлозите треба да бидат детално образложени и да содржат биографски податоци за кандидатот, адреса на живеење, опис на постигнатите резултати и други релевантни информации.
Конкурсот е отворен од 1 до 31 мај 2026 година, а некомплетните и задоцнети апликации нема да бидат разгледувани.
Со ова, надлежните институции ги повикуваат сите заинтересирани да предложат кандидати кои со своето долгогодишно творештво оставиле значаен белег во развојот на општеството.
Деск

