Советот на Општина Охрид донесе одлука за нови такси-тарифи, со кои од 6 мај 2026 година ќе стапат на сила повисоки цени за такси-превоз, како и построги правила за работа на превозниците.
Според новата одлука, почетната цена за такси-превоз преку ден останува 50 денари, додека цената по изминат километар се зголемува и ќе изнесува 50 денари. Во ноќниот период, од 23:00 до 05:00 часот, стартот на возењето ќе чини 100 денари, со иста цена од 50 денари по километар.
Од локалната самоуправа посочуваат дека измените имаат за цел да воведат поголема транспарентност и ред во такси-секторот, кој со години се соочува со различни практики на наплата. Со новите правила, задолжително ќе биде користење на баждарени таксиметри и јасно истакнати ценовници во возилата.
„Целта е да се заштитат граѓаните и туристите од произволни цени, особено во екот на туристичката сезона“, велат од Општината.
Одлуката доаѓа во пресрет на летната сезона, кога Охрид бележи значителен пораст на бројот на посетители, а такси-превозот е една од клучните услуги во градот.
Дел од граѓаните веќе реагираат на поскапувањето, оценувајќи дека тоа ќе влијае врз секојдневните трошоци, додека такси-превозниците сметаат дека корекцијата е оправдана поради зголемените оперативни трошоци.
Новите тарифи ќе почнат да се применуваат од 6 мај, а надлежните најавуваат засилени контроли на терен за нивно доследно спроведување.
Деск

