Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предложи воведување мерки за одложен пристап на децата до социјалните мрежи во Европската унија, најавувајќи дека нови законски предлози би можеле да бидат подготвени во следните месеци.
Таа истакна дека експертска група работи на пакет препораки за заштита на малолетниците на интернет, кои се очекува да бидат објавени до јули. Врз основа на тие препораки, Европската комисија би можела да предложи нови правила за минимална возраст за користење на социјални платформи.
Фон дер Лајен порача дека дебатата за ограничување на пристапот на децата до социјалните мрежи „повеќе не може да се игнорира“, при што не ја исклучи можноста за воведување и построги мерки, вклучително и забрани.
Неколку земји членки на ЕУ, меѓу кои Франција и Данска, веќе предлагаат различни модели на старосни ограничувања за пристап до социјалните мрежи. Данска, која беше домаќин на самитот во Копенхаген, заедно со уште девет држави, се залага за построга регулатива во оваа област.
Слични мерки веќе се применуваат и надвор од Европа. Австралија воведе забрана за користење социјални мрежи за лица помлади од 16 години, додека неколку европски држави разгледуваат слични решенија.
Во Обединетото Кралство се подготвуваат нови регулативи за заштита на малолетниците на интернет, кои би можеле да вклучуваат забрани, задолжителна проверка на возраста и ограничувања на содржините. Јавна консултација за овие мерки треба да заврши на 26 мај 2026 година.
Деск
Previous ArticleПОВЕЌЕ ПАРИ И НОВИ ПРАВИЛА ЗА НАУЧНИТЕ ИСТРАЖУВАЊА ВО ДРЖАВАТА

