Родена во Делчево, таа го започнува својот пат како љубопитно девојче со љубов кон науката, а денес е еден од водечките истражувачи во областа на геомагнетизмот во Европа.
Сања Пановска е силен потсетник дека со знаење, упорност и визија – границите не постојат и нејзината кариера ја води од Скопје и Штип, преку престижниот ETH Цирих, па сè до научните институти во Германија и САД, каде што денес раководи со значаен европски проект и истражува процеси кои директно влијаат врз нашата планета.
Нејзината работа не е само научна – таа е и мисија. Преку истражување на магнетното поле на Земјата, д-р Пановска придонесува за подобро разбирање на климатските промени, космичкото зрачење и технологиите што секојдневно ги користиме. Но, можеби уште поважно – таа инспирира.
Нејзиниот успех беше препознаен и од германскиот весник Тагесшпигел, кој ја вброи меѓу 100-те најзначајни научници во Берлин за 2025 година – признание кое ретко се доделува, а уште поретко завршува во рацете на некој што потекнува од мала средина како Делчево.
Но, она што ја прави нејзината приказна посебна е нејзината посветеност кон младите. Преку книги, документарни филмови и едукативни проекти, таа активно работи на тоа да ја разбуди љубопитноста кај децата и да им покаже дека науката не е далечна и недостижна – туку возбудлива и достапна.
Приказната на д-р Сања Пановска не е само личен успех – таа е доказ дека и од најмалите градови можат да произлезат луѓе кои го менуваат светот.
Деск

