Нов случај на телефонска измама е пријавен во СВР Велес, при што 58-годишна жена од село во општина Градско била измамена за сума од 240.000 денари.
Како што информираат од полицијата, на 14 мај 2026 година околу 14:30 часот, жената пријавила дека била контактирана телефонски од лице кое се претставило како лекар во Општата болница во Велес. Измамникот ѝ соопштил дека нејзината ќерка се наоѓа во болница со скршеница и дека е потребен итен оперативен зафат, за кој требало да се обезбедат пари.
Доведена во заблуда и загрижена за состојбата на своето дете, оштетената веднаш се упатила кон болницата. Таму, во дворот, ја пречекало женско лице на кое таа му ги предала парите.
Набргу потоа, сфатила дека станува збор за измама, по што случајот го пријавила во полиција.
Од СВР Велес соопштуваат дека се преземаат мерки за расчистување на настанот и пронаоѓање на сторителите.
Надлежните апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни при вакви телефонски повици, да не споделуваат лични информации и да не предаваат пари без претходна проверка на информациите преку официјални канали или директен контакт со блиските.
Деск

