Бурни реакции во јавноста предизвика предлогот на Виолета Аврамоска од Охрид, советничка од редовите на Левица, која пред неколку дена го објави својот предлог, наместо да се увезуваат 50.000 работници, вработените од казината да се прераспоредат во фабрики.
-Искрено не гледам причина 10.000 вработени во коцкарниците и во обложувалниците да останат без работа.
Според изјавата на министерот Александар Николоски во македонското стопанство има недостиг од работна сила, па поради тоа неопходно е да се увезат 50 000 работници. Наместо работници од увоз, овие вработени нека бидат прераспределини во фабриките. Многу едноставно.
Жално е што заради нечии профити се уништува семејството кое во социјализмот беше дефинирано како основна клетка на општеството, се уништуваат младите и децата, објави Аврамоска, и предизвика лавина од јавни реакции и бројни коментари на социјалните мрежи.
Додека едни и ја дадоа поддршката, истакнувајќи дека затворањето на коцкарните е важен предуслов за поздраво општество и грижа за младите генерации, имаше и такви кои ја нападнаа Аврамоска, не штедејќи навреди.
Со погрдни зборови, многумина и порачаа таа и нејзините деца да одат и да работат во фабрика.
Сепак, реалноста е дека и Виолета, која по професија е дипломиран учител со завршен Педагошки факултет, како и самохрана мајка на малолетно девојче, заработува за живот како работник во фабрика.
Помеѓу нејзините сограѓани е позната како жена – борец, вработена во фабриката Костал, на линија во производство. До пред неколку години таа била невработена, а во видео интервју за Левица од пред пет години раскажа дека кога останале сами со ќерката, покрај другите животни проблеми, најголемиот проблем и бил да обезбеди егзистенција.
-Набргу сфатив дека самохраните родители се игнорирани од системот и државата и оставени сами на себе, така што сфатив дека морам да се борам за да ја обезбедам таа егзистеница за мене и моето дете. Во животот најмногу ме движи борбата и желбата да ја израснам ќерка ми во вистински човек. Затоа сакам да се случат промени во државата и секој човек да има егзистенција и иднина. Сакам родителите да бидат среќни, да се радуваат на своите деца, раскажуваше Аврамоска.
По повод навредите кои и беа упатени од мажи, но и од жени, околу ставот со коцкарниците, таа се огласи на социјалните мрежи и порача дека со гордост кажува дека работи во фабрика и си ја сака работата.
-Прекрасно е чувството кога произведуваш вредност. Кога коментирате физички изглед, посебно вие жените, најпрвин треба да помислите дека физичкиот изглед најчесто е поврзан со здравствената состојба на жената.
Но, искрено воопшто не сум изненадена од коментарите на народ кој очите си ги извади поради партиите и политичарите и кој не е ни свесен за својата класна припадност, истакна советничката.
В.К.
СОВЕТНИЧКАТА КОЈА ЈА НАВРЕДУВАА ОТКАКО ПРЕДЛОЖИ ВРАБОТЕНИТЕ ВО КАЗИНАТА ДА БИДАТ ПРЕРАСПОРЕДЕНИ ВО ФАБРИКИ, И САМАТА РАБОТИ ВО ФАБРИКА СО ЗАВРШЕН ПЕДАГОШКИ ФАКУЛТЕТ
3 Mins Read
Previous ArticleЉУБОВ ШТО НЕ БАРАШЕ СПЕКТАКЛ – А ТРАЕШЕ СО ДЕЦЕНИИ
Next Article АНЕТА ЉУМАКОВСКА СЕ ОМАЖИ: ВО ДОБРО И ЗЛО – ЗАЕДНО

