Значаен меѓународен успех за актерката Билјана Драгиќевиќ Пројковска и претставата ,,Кокошка” на Интернационален театарски фестивал во Приштина!

Претставата „Кокошка“, во копродукција на независната театарска група Вортекс и Театар Комедија, постигна значаен меѓународен успех освојувајќи две најважни награди на јубилејното десетто издание на Интернационалниот театарски фестивал во Приштина, кој се одржа од 18 до 23 мај.
Жирито ѝ ја додели наградата за најдобро актерско остварување на Билјана Драгиќевиќ Пројковска за улогата на Ала, додека претставата „Кокошка“ ја доби и главната награда за најдобра претстава на фестивалот.
Во образложението на наградата за актерско остварување, меѓународното стручно жири наведува дека изведбата на Пројковска се одликува со исклучителна актерска зрелост, прецизност и храброст во изразот, оценувајќи ја како „кристално јасна и целосно уверлива“.
Главната награда за најдобра претстава е доделена поради автентичната сценска енергија и експерименталниот уметнички пристап, преку кој се гради современ театарски јазик со препознатлива сценска изразност.
Претставата е во режија на Теодора Силјаноска, која ги потпишува и сценографијата и изборот на музика. Во актерската екипа настапуваат и Ане Блажовски, Кристина Гиева, Томе Станковски и Ванеса Тримчевска. Костимографијата е на Марија Пупучевска, а сценските движења ги изработи Дарко Велиќ.
Во официјалната селекција на фестивалот учествуваа продукции од Косово, Црна Гора, Италија, Босна и Херцеговина и Македонија, што дополнително го потврдува значењето на освоените признанија.
Во наредниот период, „Кокошка“ ќе биде прикажана на Меѓународниот фестивал за современа драма Kolyada – Plays, како и на манифестацијата „Скопско лето“.
Деск

