Владата подготвува нов сет мерки за намалување на пушењето во земјава, со кои за првпат никотинските фластери и гумите за џвакање ќе се издаваат на рецепт преку матичните лекари.
Станува збор за дел од проширувањето на есенцијалната листа на лекови, со што овие производи ќе станат подостапни за граѓаните кои сакаат да се откажат од цигарите. Здравствените власти очекуваат дека ваквиот пристап ќе придонесе за поголема употреба на никотинска заместителна терапија и постепено намалување на бројот на пушачи.
Од Министерството за здравство посочуваат дека ова е значаен чекор во националната стратегија за борба против зависноста од никотин, особено имајќи предвид дека Македонија е меѓу земјите со висока стапка на пушење во Европа.
Паралелно со ова, се подготвуваат и законски измени со кои ќе се воведат построги ограничувања за пушење. Според најавите, ќе се прошири забраната за пушење во затворени простории, но и на дел од отворените јавни површини, како и во автомобили во присуство на деца.
Новите правила ќе ги опфатат и електронските цигари и вејп уредите, за кои исто така се планираат ограничувања во употребата, рекламирањето и продажбата, особено кога станува збор за производи наменети за млади.
Надлежните институции нагласуваат дека целта на мерките не е само казнување, туку и поддршка на граѓаните во процесот на откажување од пушење, преку достапни терапии и подигнување на јавната свест за штетноста од тутунот.
Очекувањата се дека со комбинирање на превентивни и рестриктивни политики, ќе се намали бројот на пушачи и ќе се подобри јавното здравје во земјата.
Деск

