ОВР Неготино поднесе кривична пријава против правно лице од Скопје, одговорно лице В.М. од Австрија и Р.М. (52) од Гевгелија, раководител на подружница во Кавадарци, поради постоење основи на сомнение за кривично дело „бесправно градење“ по член 244 од Кривичниот законик.
Според пријавата, на 13 мај 2026 година, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Неготино, заедно со градежен инспектор од Општина Неготино, извршиле контрола на терен и констатирале дека без претходно обезбедено одобрение за градба е изведен ископ на канал во должина од околу 600 метри и поставување на електрични кабли.
Градежните активности се одвивале на потегот од Пепелиште кон Војшанци, и започнале пред да бидат исполнети законските услови, односно пред да биде платен надоместокот за уредување на градежно земјиште во износ од 1.502.981 денари и пред да биде издадено одобрение за градба.
Иако инвеститорот претходно поднел барање до општината, според наодите, работите биле започнати без завршена административна постапка, со што е предизвикана штета на буџетот на Општина Неготино во наведениот износ.
Надлежните органи најавуваат натамошно постапување и утврдување на сите околности поврзани со случајот.
Деск
Previous ArticleДРАМА НИЗ УЛИЦИТЕ ВО ТЕТОВО – ВОЗИЛО ЗАВРШИ НА КРОВ ПО ПОТЕРА

