Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, браќа на возраст од 43 и 44 години, кои се осомничени за обид за убиство. Според обвинителството, тие како соизвршители се обиделе да лишат од живот едно лице, при што биле загрозени и животите на уште две лица.
Инцидентот се случил на 6 јуни во близина на автоплац во скопското село Шишево. Настаните започнале по сообраќаен инцидент во кој дошло до контакт меѓу ретровизорите на две возила. По судирот следела вербална расправија, при што еден од осомничените физички го нападнал другиот возач и му упатил сериозни закани.
Иако двајца сведоци успеале да ја смират ситуацијата, конфликтот продолжил. Според наводите на обвинителството, нападнатиот возач подоцна ја земал сопругата од работа и го повикал својот брат за да проверат дали можат безбедно да се вратат по истиот пат.
Во меѓувреме, двајцата осомничени браќа, вооружени со пиштоли, наводно ги чекале скриени во грмушките во близина на местото на претходниот конфликт. Еден од нив испукал два куршума, при што едниот го погодил во главата братот на првично нападнатиот возач, нанесувајќи му тангенцијална повреда.
Со истрелите биле директно загрозени и уште две лица кои се наоѓале на местото на настанот.
Од Основното јавно обвинителство Скопје информираат дека до судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.
„Постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност за попречување на истрагата преку влијание врз сведоци, како и страв дека осомничените би можеле да го довршат обиденото кривично дело“, наведуваат од обвинителството.
Истрагата за случајот е во тек.
Деск

