-Имав една голема желба која не ми се оствари. Многу сакав да запеам пред Јосип Броз Тито, претседателот на некогашната Југославија. Но, настапував пред многу значајни личности, пред државници и аристократи, а во Лондон имавме чест да настапиме пред кралицата Елизабета Втора и пред Винстон Черчил во познатиот Ројал Алберт хол. По настапот не чекаше публика која сакаше наши автограми, а весниците беа полни со пофални зборови за нашиот настап и за македонскиот фолклор – вака раскажуваше легендарната Вања Лазарова (1930-2017), во едно од своите ретки интервјуа од 2010 година, за Македонска Нација.

Вања беше доајенка на македонската народна песна со неповторлив глас. Шеесет години таа пееше исклучително македонски традиционални песни и во тек на својата кариера гостуваше речиси на сите континенти.
Беше скромна по природа, и во 2014 година јавноста дозна дека таа живее со скромна пензија од 8.000 денари во дом за нега на стари лица, заборавена од институциите, по што беше покрената петиција, за да добие национална пензија. Истата година таа ја доби државната награда „11 Октомври“ во областа на културата и националната пензија од Министерството за култура, која тогаш изнесуваше 35.000 денари.
Две години пред да почине пак, беше промовиран документарецот „Вања: Со маки сум се родила“ за нејзиниот живот и творештво, во режија на Синиша Евтимов.
Деск

