Општина Кратово издаде соопштение во кое реагира на, како што наведува, јавни реакции и информации поврзани со наплата на влезници на локалитетот Куклица, каде според граѓански пријави, на посетители наводно им биле наплаќани по 10 евра за влез.
Од Општината велат дека локалитетот е предмет на подолгогодишен имотноправен спор и дека, според нивните наводи, постои фактичко управување од страна на Здружение „Извор“ – Кратово и поврзани лица, кои, како што се тврди во соопштението, неовластено управуваат со просторот и вршат наплата од посетители.
-Причината за ова е фактот што подолг временски период локалитетот е бесправно и неосновано узурпиран и држан во владение од страна на Здружение „Извор“ – Кратово, одговорното лице Милош Димитровски, како и неговата ќерка Стојна Димитровска Боотх. Наведените лица вршат неосновано и бесправно управување со просторот, присвојување на права кои не им припаѓаат, како и противправно збогатување преку неовластена наплата на влезници од посетители и туристи.
Дополнително, истите лица вршат сериозно загрозување на сигурноста и безбедноста на посетителите преку заплашување, лажно претставување, насилничко однесување и заплашување со кучиња, реагираат од општината.
Во соопштението се наведува дека, според Општина Кратово, ваквото управување создава проблеми во однос на примената на законските обврски за заштита, одржување и безбедност на споменикот на природата. Дополнително се изнесуваат тврдења за наводно несоодветно однесување кон посетители, но општината не приложува докази во самото соопштение.
Општината информира дека во тек е судска постапка, во која постои првостепена пресуда со која, според нив, тужените се задолжуваат да го предадат просторот во владение на Општинската установа „Музеј на град Кратово“ и да го ослободат локалитетот од предмети и објекти.
Сепак, пресудата е обжалена и сè уште не е правосилна, што значи дека конечна судска одлука сè уште не е донесена.
Од Општината дополнително наведуваат дека се поднесени кривични пријави и претставки до надлежни институции, меѓу кои и обвинителството, Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи, при што се очекува институционално постапување.
Општина Кратово нагласува дека останува посветена на заштита на јавниот интерес и природното наследство, но апелира до надлежните органи за, како што наведува, поголема ажурност во постапувањето.
Случајот останува отворен до завршување на судските постапки и донесување правосилна одлука.
Деск
СТОЈНА И МИЛОШ НЕОВЛАСТЕНО НАПЛАЌААТ ВЛЕЗНИЦИ НА КУКЛИЦА, СУДСКАТА ПОСТАПКА Е ВО ТЕК, ТВРДАТ ОД ОПШТИНА КРАТОВО
2 Mins Read

