Ослободителна пресуда му изрече Основниот кривичен суд Скопје на Зоран Јованов, татко на младиот Васил Јованов кој на крајот на јануари лани, возејќи под дејство на алкохол и со брзина поголема од дозволената, на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова.
Во случајот кој силно ја вознемири јавноста, на таткото Јованов му се судеше бидејќи, според Обвинителството, му дозволил на својот син Васил без возачка дозвола да го управува неговиот автомобил. Сепак, судот оценил дека кривичната одговорност во конкретниот случај не може да се заснова врз околноста што обвинетиот Јованов е сопственик на возилото и што неговиот полнолетен син управувал со тоа возило без возачка дозвола.
-Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предметот со К. бр. 655/25 против З. Ј. за кривичното дело загрозување на безбедноста на сообраќајот по член 298 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик (КЗ), по внимателна анализа на обвинението, изведените докази и релевантните законски одредби, оцени дека дејствијата кои му се ставаат на товар на обвинетиот не ги содржат законските обележја на кривичното дело, па заради тоа донесе ослободителна пресуда, наведено е во соопштението на Основниот кривичен суд Скопје.
Против оваа пресуда странките имаат право на жалба пред второстепениот, односно Апелацискиот суд Скопје.
Таткото на Васил, Зоран Јованов на рочиштето на 3 септември лани изјави дека не се чувствува виновен и оти не разбира што точно му се става на товар.
Како потсетување, и во минатото Васил направил повеќе сообраќајни прекршоци и кривични дела.
Васил Јованов бил сторител на сообраќајна несреќа со полесни последици во ноември 2022 година, а во текот на 2023 и 2024 година сторил 11 сообраќајни прекршоци, меѓу кои возење без возачка дозвола, управување под дејство на алкохол и непочитување на сообраќајните правила. На крај, се случи и трагичната сообраќајка во која животот го изгуби Кулакова.
Тој е осуден на 13 години затвор, а изречена му е и забрана за управување возило до пет години и парична казна.
В.К.

