Неготинец на возраст од 66 години беше пронајден мртов во водите на реката Вардар, откако претходно беше пријавено неговото исчезнување додека бил на риболов.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, на 3 јули во 15:55 часот, во ОВР Неготино, 42-годишниот Ѓ.К. пријавил дека се сомнева оти неговиот татко Ј.К. (66) паднал во реката Вардар кај селото Црвени Брегови. Според пријавата, тој не успеал да стапи во контакт со својот татко, а кога тргнал да го бара, во реката пронашол дел од неговата риболовна опрема.
Веднаш по пријавата била организирана потрага во која учествувале полициски службеници од ОВР Неготино, припадници на Територијалната противпожарна единица Неготино, Дирекцијата за заштита и спасување, како и други лица.
Околу 20 часот телото на исчезнатиот било пронајдено и извлечено од водите на Вардар.
Лекар од Итната медицинска помош во Неготино констатирал смрт без видливи траги на насилство. По наредба на јавен обвинител, телото е предадено на обдукција, која треба да ги утврди точните околности и причината за смртта.

