Над 3.100 жители на Гостивар досега побарале медицинска помош поради симптоми на труење, откако беше пријавено загадување на водата од градскиот водовод. Во рамки на истрагата, полицијата ги приведе директорката на ЈП „Комуналец“ Гостивар, Артана Асани, техничкиот директор Леон Нуредини и раководителот на „Водовод и канализација“ Вадедин Дервиши. ТВ Алсат објави видео од приведувањето.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека тројцата се лишени од слобода во координација со Основното јавно обвинителство Гостивар, поради сомневања поврзани со загадувањето на водата во гостиварскиот водовод.
„Полициски службеници од Полициската станица Гостивар во координација со Основното јавно обвинителство Гостивар лишија од слобода три лица во врска со сомневањата за загадување на водата во гостиварскиот водовод“, соопшти МВР.
Од Обвинителството велат дека се преземаат истражни дејствија за обезбедување материјални докази и утврдување на сите околности околу случајот. Оттаму информираат дека извештајот од Институтот за јавно здравје, кој треба да покаже каква е состојбата со квалитетот на водата, сè уште не е доставен.
Во меѓувреме, жителите на Гостивар денеска излегоа на протест пред просториите на ЈП „Комуналец“, барајќи одговори и одговорност за состојбата со водоснабдувањето.
Истрагата продолжува, а надлежните институции допрва треба да утврдат што точно довело до загадувањето на водата и дали има пропусти во работењето на одговорните лица.

