Харис Елоy (32), активист и креативен стратег со потекло од Велес, ова лето ќе ја претставува Шведска на натпреварот ,,Mr. Gay Europe 2025”, информира ПР тимот на ова момче, кое веќе 11 години живее во Стокхолм.
ојаснуваат дека во Шведска тој веќе станал глас на новата генерација ЛГБТИ+ млади кои не се борат само за права, туку и за прифаќање, безбедност и видливост, и ја градел својата кариера со фокус на социјална правда и млади.
Додаваат дека денес тој е раководител на партнерства во RFSL Ungdom, водечка национална организација за ЛГБТИ+ млади. Неговата работа ги поврзувала уметноста, политиката и активизмот – со јасна цел: Никој млад човек да не биде изоставен.
-Шведска за мене не е само место за живеење, туку и простор каде што можам да направам нешто за заедницата и за сите оние што сè уште бараат свое место, вели Харис.
За изборот Mr. Gay Europe пак, појаснува дека е платформа за влијание и не е типичен натпревар за убавина. Тоа било платформа која ги вреднува знаењето, интегритетот и ангажманот.
Натпреварувачите поминувале низ серија предизвици: писмен тест, интервју со жири, сценски говор, презентација на личен проект и спортски активности, а дел од нив оваа година ќе се одржеле на Олимпискиот стадион во Амстердам.
-Харис го користи ова искуство за да зборува за прашања што често се игнорираат – особено кога станува збор за маргинализирани ЛГБТИ+ млади во Европа. Проектите што ги води, како „Not Alone in Europe“ и „Attention Detention“, се насочени кон подигнување на свеста, застапување и градење на заедница преку конкретна акција.
-Активизмот за мене не значи само протест. Тоа е и грижа, присуство, приказна, поддршка и одбивање да се молчи кога има што да се каже, вели Харис.
Изборот ќе се одржи од 29-ти јули до втори август во Амстердам, Холандија, и ова ќе биде 16-то издание на истиот.
Од ПР тимот на младото момче велат дека неговите кампањи ги придвижуваат вредности како што се инклузија, еднаквост и солидарност, со фокус на младите кои најчесто се занемарени поради јазик, документи, идентитет или боја на кожа.
-Со своето учество на Mr. Gay Europe 2025, Харис не само што ја претставува Шведска, туку ја носи со себе и приказната на генерација млади кои бараат слобода, прифаќање и место каде што можат да бидат свои, истакнуваат и информираат дека гласањето е започнато и се одвива на следниот линк: https://www.mrgayeurope2025.com/sweden
Вики Клинчарова