Злата Јанкова, одговорна 45-годишна жена, посветена мајка и сопруга, без финансиски проблеми, која водела мирен живот, опкружена со семејството и со пријателите, се води како исчезнато лице повеќе од една година.
Трагот и се изгуби среде бел ден, од село Орел, каде имале викендичка, кога тргнала да си оди во домот во Свети Николе, на 16-ти јуни 2024 година.
Дома не стигнала, и до денес нејзината судбина остана мистерија.
По Злата најмногу страдаат нејзините најблиски, два сина и сопругот Дејан, како и пријателите и роднините, кои не можат да се помират дека и до денес не се знае што и се случило.
Постариот син на Јанкова живеел и работел во странство, додека пак помалиот неодамна наполнил 18 години. Како што раскажува за Викимедиа нејзиниот сопруг Дејан, од денот на нејзиното исчезнување, тие живеат во агонија.
-Секој ден заедно со помалиот син објавуваме најмалку по пет-шест пати фотографија од Злата на неговиот Фејсбук профил. Има денови кога и по десетпати ја објавуваме фотографијата!
Баш секој ден, тоа стана рутина за синот и за мене, да го споделиме апелот, да ја потсетиме јавноста на нејзиниот лик, за да не се заборави дека во Македонија исчезна жена среде бел ден, и дека нејзиното семејство чека одговори од надлежните служби.
Над 2.000 објави има на профилот на синот, објавуваат и роднини, пријатели, сите кои ја сакаа и ја познаваа Злата и кои знаат дека таа не би заминала по своја желба, туку нешто се случило.
Друго што ни преостанува? Зарем да кренеме раце од нашата мајка и сопруга и да оставиме случајот да се заборави? Трагаме по вистината, а досега не добивме ниту еден одговор, раскажува Дејан Јанков.
Вели дека досега не бил пронајден ниту мобилниот телефон на Злата, и разочаран е од тоа како се одвивала потрагата. Не добил ниту информации за автомобилот Голф, кој мештани го забележале во селото дента кога Злата исчезнала. Станувало збор за автомобил со скопски регистарски таблички, сребрена боја, во кој мештани кои работеле на нивите забележале две жени.
-Ниту се дозна чие е возилото, ниту пак се најде мобилниот телефон на Злата. На овие напредни технологии, камери насекаде, на бензински станици, на скоро секој втор објект, не можеме да сфатиме како ништо не се откри!
Без пасош, без лични документи, така да исчезне од едно мало место и повеќе од 13 месеци да не може да се открие било каков траг… претешко е ова кое се случува. Со сопругата поминавме заедно три децении во слога, таа беше столбот на нашето семејство и нема да се смириме додека не ја дознаеме вистината.
Со синовите добиваме поддршка од роднини, пријатели, брат ми исто така постојано пишува на социјални мрежи и ја објавува фотографијата, но потребна ни е и помош од надлежните институции, ние сами не знаеме веќе што да направиме, појаснува Јанков и уште еднаш апелира до јавноста, ако некој има било каква информација за случајот, да пријави во полиција.
Фотографијата на Злата е истакната и на официјалната страница за исчезнати лица при Министерството за внатрешни работи.
-Јанкова Злата, татко Делчо родена 11.08.1979 година во Лозово, а живее во Свети Николе на улица Крсте Мисирков бр.19/Б. Исчезната е на ден 16.06.2024 година. Oпис: Висина 150 см, тежина 50 кг, облечена во плави тренерки, сиви патики и сива маица, наведено е во објавата на МВР.
Вики Клинчарова
Subscribe to Updates
Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.
Синот исчезнатата Злата објавил над 2.000 апели за нејзино пронаоѓање: Мистеријата трае 13 месеци!
3 Mins Read452 Views