Уличното куче Тошо, мешанец стар околу пет години кој живее на улиците во Кавадарци, деновиве стана вистинска атракција, откако на социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа како среде ноќ ги запира возилата на коловозот, а потоа со заби им ги вади регистарските таблички.
Необичниот настан го сними кавадарчанецот Илија Делов, познат во јавноста како раперот Били Ѕвер (беше македонски претставник на Евровизија со Ѓоко Танески во 2010 година во Норвешка), додека со семејството се враќал дома, и истиот предизвика низа на реакции во градот.
-Со семејството отидовме во сендвичара, а на враќање назад не запре Тошо. Не изненади целата случка, затоа и ја снимивме со мобилниот, тој излезе пред возилото, почна да ја вади табличката со заби, а откако ја извади, ја пушти на земја и продолжи кон друго возило, да му ја вади табличката.
Целата ситуација не насмеа, беше како сценарио од филм. Си ја зедов табличката, наредното утро за неколку минути ја наместив, а видеото го објавив со цел да му најдеме дом на Тошо и да го тргнеме од улиците, да биде на безбедно.
Но, покрај бројните позитивни коментари, имаше и такви кои веднаш почнаа со негативни приказни. Сакам да појаснам дека Тошо заслужува среќен живот и топол дом, дека не е агресивно куче, и се надевам дека наскоро ќе се најде семејство кое ќе му пружи љубов и грижа, а на случајот гледам како на интересна и смешна случка. Апсолутно не треба да се прави хајка против кучето, туку да се изнајде начин да му се помогне и да му се пружи добар живот, вели Делов.
По настанот, Тошо бил сместен во стационарот Шепа, кој е регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство, и кој е лоциран во кавадаречката населба Глишиќ.
Од управата на стационарот за Викимедиа потврдија дека кучето е кај нив, и дека се бара дом за него. Велат дека Тошо е мило куче кое е доста дружељубиво, посебно со деца, и дека многу сака да си игра и да се гали. За настанот со регистарските таблички, појаснуваат дека добиле повеќе пријави од граѓани, а веруваат дека оваа навика кучето ја стекнало зимава, откако најверојатно било удрено од возило.
-Тошо е социјализирано куче, мирен е, без проблем беше заловен, значи знае како да се однесува со луѓе. Има околу пет години, помина дел од стандардните процедури и здравствени проверки во стационарот, а по нивно комплетно спроведување, ќе биде вдомен.
Случките со вадење на регистарски таблички започнаа зимава, кога според наши претпоставки доживеал некаква траума, најверојатно бил удрен од возило. Специфично е тоа што им ги вади табличките на возилата само во тек на ноќ, и тоа единствено ги запира оние возила кои бавно се движат по коловозот. Откако ќе ги запре, прецизно со заби ги отстранува табличките, а потоа го пушта возилото да си замине.
Но, тоа не е причина за Тошо да не добие шанса за достоинствен живот, напротив, се работи за доста паметно и питомо куче, за кое веќе има интерес за вдомување.
Не треба да се прави хајка против него, тој не напаѓа луѓе, нема покажано агресивност, напротив, многу сака деца и разбира команди.
Невистинити се објавите на социјалните мрежи дека наводно ќе биде еутанизиран доколку не се најде вдомувач за него, бидејќи мисијата на стационарот е да се направи се што е во наша моќ за благосостојбата на бездомните животни, ни изјавија од установата.
Шепа работи по принципот Залови – Стерилизирај – Врати. Кучињата заловени на улиците поминуваат хуман третман, а потоа повторно се враќаат на локацијата каде биле заловени.
Вики Клинчарова
Subscribe to Updates
Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.
Тошо, кучето кои ги вади регистарските таблички на возилата во Кавадарци, бара дом!
3 Mins Read270 Views
Previous ArticleМетео предупредување од УХМР: Топлотен бран до сабота!