Општина Дојран се подготвува за Д-Фест, фестивал кој започнува овој петок и ќе трае три дена и на истиот ќе настапат познати музички имиња.
Годинава организатор на фестот е струмичката продукција ,,Висуал продакшн” и ова ќе биде еден вид на продолжување на традицијата на Д Фестивал, кој годинава по првпат наместо во Дојран, се одржа во Штип.
Како што истакна дојранскиот градоначалник Анго Ангов, фестивалот е белег на Дојран, и општината не се откажува од него, без оглед на тоа која продукција ќе застане зад организацијата на настанот.
Најавени се музичките гости, помеѓу кои Ареа, Суперхикс, Мими Мерцедес, Сенида, Тодороф, Енес Беговски, Вандал, Пука Козметика, Никифор, Последен удар, Методи Христов, Лука, Мирна, Брука бенд, Дактили и многу други.
Ќе има камп зона, три сцени, а главната бина ќе биде на паркингот на Гранит.
Како што најавија од организацијата, настанот започнува во 12 часот во петок, а камп зоната се отвора ден порано, во 17 часот во четврток.
По купување на онлајн билет, се добива бар код на електронска пошта, истиот се покажува на влез и се добива алка.
Не е дозволен внес на храна и пијалоци купени надвор од кампот, и посетителите можеле да си понесат само празни шишиња. На располагање имало питка вода, барови и штандови за храна.
Исто така, од организацијата најавија дека е обезбеден и организиран превоз на релација Дојран – Скопје – Дојран, а деталите за превозот се објавени на официјалната страница на Д-Фест.
Вики Клинчарова