Проектот ,,Македонијо, во срце те носиме” зад чија организација стои Скендеровски Продукција, го започна своето второ продолжение со верзија на песната на легендарниот Гоце Николовски, ,,Како Пиреј”, во изведба на Ламбе Алабаковски.
Како што информираат од продукцијата, стиховите на песната која во далечната 1994 година на фестивалот Валандово ја отпеа легендарниот Гоце Николовски, сега е спакувана во ново руво и е во изведба на Алабаковски, со аранжман на Николче Мицевски.
-Песната, која првично ја отпеа Гоце Николовски, добива современо руво, но го задржува својот дух и порака за единство и опстојност. Музиката и текстот на оригиналната верзија се дело на Гоце Николовски и Јован Павловски, а новата изведба претставува мост меѓу генерациите и музичкото наследство.
Интересно за оваа композиција е дека истата веќе има две верзии, односно едната била отпеана на фестивалот Валандово во 1994 година, а другата е снимена на касета која валандовскиот фестивал ја издава истата година и е со мали разлики во изведбата, истакнаа од Скендеровски Продукција.
Додаваат дека проектот продолжува со истата мисија, да ја слави македонската музичка традиција преку современи аранжмани на добро познати народни песни, а изведувачи од народната и забавната сцена повторно здружуваат сили за да ѝ подарат на публиката ново музичко доживување.
Деск