Театарскиот, филмски и телевизиски актер Гоце Тодоровски (74) со нарушено здравје и разочаран во системот ги минува своите пензионерски денови.
Како што раскажува за Викимедиа, иако пет децении од својот живот посветил на актерството и зад себе оставил проекти чија популарност се пренесува од една на друга генерација, освен тапкање по рамо, не добил конкретно финансиско признание од државата, за да може да ги минува годините кои му останале со чувство на сатисфакција, дека бил доволно ценет и почитуван, и мирно да ужива во староста.
Живеел со пензија од 36.000 денари, а од годините посветени на актерството му останале само бројните награди и признанија на ѕидовите во домот.
-Здравјето ми е нарушено, постојано сум со лекарства, срцето ми е ослабено. И после се што направив за уметноста во нашата земја, после сите тие ризници кои ги наполнив со квалитетни проекти и улоги кои и денешните деца ги знаат, јас сум заборавен од државата.
Можеби некому ќе звучи нескромно, но дали е во ред млади актери, кои вчера завршиле академија и уште не стапнале на штиците, да добиваат плата која е значително повисока од пензијата од 36.000 денари со која јас сум оставен? Па, целиот живот и здравјето ги оставив на професијата и сметам дека на Македонија и дадов доволно, за да тоа биде препознаено и наградено.
Не, мене државата не ми врати за сето она кое го направив за тогашните, сегашни, а и идни генерации, раскажува Тодоровски.
Појаснува дека бил почестен кога го добил Орденот за заслуги во 2023 година, и прашува зошто ова значајно признание автоматски не повлекува доделување на паушал, односно на надоместок на пензија како доајен на културата.
Вели дека му е понижувачки да оди и да аплицира на конкурс за добивање на бенефиции, и се надева дека државата ќе го слушне неговиот глас.
-Зарем мене на овие години треба да ме оценуваат комисии, составени од лица кои можеби и учеле од мене, зарем јас уште треба пред некого да се докажувам, да уверувам дека сум оставил длабок траг во нашата култура и дека заслужувам повеќе?
Зарем е во ред луѓе кои вчера стапнале на јавни функции да имаат примања од по 150.000, па и 200.000 денари, а уметниците како мене да бидат заборавени?
Не знам веќе колку признанија и награди добив во животот, не знам колку проекти снимив, да ги спомнувам ли сите серијали во кои учествував, сите претстави, сите оние емисии со кои растеа и уште растат новите генерации…
Па, јас имам поминато пред камери поголема минутажа од еден Џон Вејн, и не знам што треба еден уметник повеќе да стори, за да барем во староста биде испочитуван како што треба, да може достоинствено да си ги минува деновите. Не можам ниту да ги набројам моите филмски и театарски улоги, бројни награди, признанија… што уште треба? Оти од ,,браво” не се живее.
Апелирам до институциите, да го разгледаат мојот предлог, самото добивање на Орденот за заслуги да повлекува и додаток на пензијата, затоа што барем тие кои останавме, не сме многу, и несфатливо е да бидеме игнорирани по ова прашање, вели доајенот.
Додава дека еден ден, кога ќе го нема, за него воошто нема да биде важно дали ќе биде погребан на Алејата на заслужни граѓани, бидејќи почитта и признанијата се покажувале и доделувале додека човекот е жив, за да може лично да ги почувствува бенефиците од својот труд.
Вики Клинчарова