Министерството за внатрешни работи информира дека за два дена биле регистрирани дури 1.293 сообраќајни прекршоци, од кои 305 се однесувале на брзо возење. Биле изречени санкции за користење мобилен телефон при возење, за неправилно паркирање, неносење на заштитен шлем… Исто така, дури 97 лица биле отстранети од сообраќај, бидејќи не поседувале возачка дозвола, а 11 возеле пијани.
-Во текот на првите два работни дена од оваа недела (21./22.07.2025) во рамки на засилените сообраќајни контроли на патиштата низ земјава, полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи регистрираа вкупно 1.293 платни налози по основ на разни прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а во помала мера и по основ на Законот за возила.
Притоа, заради неприлагодена брзина на движење изречени беа 305 санкции, за неправилно паркирање 340 мерки, додека пак 97 возачи се отстранети од сообраќај поради непоседување возачка дозвола.
Исто така, за 47 учесници во сообраќајот изречени се санкции за некористење сигурносен појас, 49 лица се санкционирани за користење на мобилен телефон при управување со возило, и уште 85 лица заради неносење заштитен шлем. Покрај ова евидентирани се 18 случаи на минување на црвено светло, а изречени се дури 122 прекршочни платни налози за пешаци, додека пак од сообраќај се отстранети 11 возачи заради управување на возило со прекумерно количество алкохол.
Согласно пак Законот за возила во посочените три дена од неделава беа изречени 12 прекршоци по основ на технички неисправни возила и 22 по основ на возила коишто не биле регистрирани, известија од МВР.
Од министерството посочуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да се придонесе за побезбедни патишта.
Деск