Попладнево избувна пожар на планината Серта од штипска страна, помеѓу селата Драгоево и Селце. Како што известува Центарот за управување со кризи, гори нискостеблеста шума – прнар и сува трева.
На непристапниот терен веќе биле присутни противпожарни екипи.
Жителите на Неготино и Штип добро се сеќаваат на катастрофалните пожари на Серта кои се случија лани. Тогаш, пожарот кој првин започна од неготинска страна, а потоа продолжи и на штипската страна, предизвика епохални штети.
Од неготинска страна изгореа над 5.500 хектари, а пак од штипската страна пеплосани беа над 3.000 хектари. Пожарите се гасеа повеќе од две недели, а според биолозите и екологистите, ќе поминат децении додека се врати животот на планината.
Покрај растителниот, настрада и животинскиот свет, а екологистите предупредуваа дека поради еко-катастрофата ќе има и несогледливи последици во однос на климата во околината.
Денес, освен активниот пожар на Серта, ЦУК информира за уште пет активни пожари, и тоа во Општина Василево, Радовиш и Берово – с. Нивичино, планините Голем Готен и Малешевските планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација);
Општина Чучер Сандево – кај Делеководите (шума);
Општина Прилеп – с. Бешиште, место викано Бешишки Рид (мешана шума);
Општина Желино – помеѓу селата Церово и Групчин (нискостеблеста и деградирана шума);
Општина Теарце – с. Теарце (ниска вегетација).
Под контрола биле ставени четири пожари, и тоа еден во прилепско и три во околината на Македонски Брод, а целосно биле изгаснати 11 пожари.
Вики Клинчарова