Легендарниот рок музичар Дадо Топиќ доаѓа во Македонија и ќе настапи во село Русиново, Берово, на први август, по повод манифестацијата Илинденски видувања.
Како што информираат на страницата на Месната заедница Русиново, Топиќ ќе пее на мегданот во село Русиново, под покровителство на Зегин, а со неговите најголеми хитови ќе донесел вистинска рок енергија на празничната вечер на Илинден.
Илинденски видувања ќе се одржи на први и втори август, а покрај Дадо Топиќ, предвидени биле и настапи на неколку домашни фолк музичари, како и настапи на фолклорни друштва од регионот, и подготовка на малешевска храна под вршник, под отворено небо во срцето на Малешевијата.
И Топиќ преку видео порака го потврди гостувањето во Русиново, и ја покани публиката да дојде на настанот.
Популарниот рокер деновиве беше актуелен во регионот откако го освои првото место на фестивалот ,,Бисер на Јадранот” во Тиват, за дуетот ,,Небо” со македонската пејачка Ана Петановска.
Музиката за песната е на Григор Копров, текстот на Топиќ, а пак аранжманот на Стефан Петановски, братот на Ана.
Пред две години, кога гостуваше на Охрид Фест, раскажа дека неговиот хит ,,Македонија” иако бил создаден пред 50 години, траел со истиот интензитет. Кажа дека каде и да гостува низ светот, во публика има Македонци, кои веднаш бараат да ја отпее ,,Македонија”, песната која се слушала на сите континенти.
В.К.

