Мажот на возраст од 55 години од неготинско Пепелиште, кој во декември минатата година со товарно моторно возило удри во жена – пешак, на возраст од 61 година, исто така од Пепелиште, и ја усмрти, е обвинет за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, денес соопшти Основното јавно обвинителство Кавадарци.
Како што информираат од обвинителството, жената била удрена со ретровизорот во главата, била отфрлена од патот, и се здобила со скршеница на черепот, на вратните пршлени и на повеќе коски, по што починала.
Но, за да биде случајот уште покомплициран, било утврдено дека возачот имал попреченост – слепило со намалена видна функција од 99%, и врз основа на тоа, тој бил корисник на инвалидска пензија и додаток за утврдената попреченост. Дополнително, во тек текот на истражната постапка успеал да ја продолжи возачката дозвола, која во време кога се случила несреќата му била истечена.
Жители на Пепелиште за Викимедиа откриваат дека иако имал документ за намалена видна функција од 99 проценти, човекот носел очила и нормално си функционирал и се движел, со што се отвора сомнеж дека можеби е дел од лицата кои биле вмешани во аферата со инвалидски пензии, за која минатиот месец Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против 36 лица кои се товарат дека како дел од две криминални групи посредувале и овозможувале незаконско стекнување со право на туѓа нега и инвалидска пензија, за што наплаќале од 150 до 5.000 евра.
Основното јавно обвинителство Кавадарци во врска со настанот известува дека обвинетиот, на 03.12.2024 година, на регионалниот пат Р1103 Лакавица-Дреново-делница Пепелиште-Неготино, управувал товарно моторно возило „Ситроен џампер“ со велешки регистарски ознаки иако во тој момент не поседувал важечка возачка дозвола, односно истата му била со истечена важност. Кога пристигнал на критичното место викано „Лаки“ не обрнал внимание на пешаците кои се движеле во близина на работ на коловозот. Со ретровизорот удрил во главата на пешакот Ангелина Ангелова, која била отфрлена од патот и кај која биле предизвикани тешки телесни повреди – скршување на черепот, вратни пршлени и повеќе коски од кои починала. Кај оштетената исто така е утврден одреден пропуст бидејќи имала можност визуелно да го забележи товарното возило и навреме да го избегне, но тој пропуст е од секундарен карактер согласно извршеното вештачење.
Дополнително, во текот на постапката, јавниот обвинител обезбеди медицинска документација согласно која на обвинетиот му била утврдена попреченост – слепило со намалена видна функција од 99%. Врз основа на тоа, тој бил корисник на инвалидска пензија и додаток за утврдената попреченост, но и покрај тоа управувал со товарно возило во моментот на несреќата и во текот на истражната постапка успеал да ја продолжи возачката дозвола.
Од тие причини, Основното јавно обвинителство Кавадарци испрати известување до ОВР Неготино за обезбедените докази и побара да се извршат проверки за начинот на стекнување со возачка дозвола и со инвалидска пензија, односно проверка на веродостојноста на медицинските документации употребени во двата случаи.
Деск

