Голем број на пријатели, соработници и познаници се збогуваат со младиот бизнисмен Душко Чифлиганец (32), кој денес почина по несреќа при мотоциклистичка трка во Брно, Чешка.
Според првичните неофицијални информации, тој се здобил со тешки повреди на главата при пад од моторот, за време на мото – трка. Настанот се случил вчера, а Чифлиганец ја изгубил битката за живот по околу 24-часовна борба.
Негови блиски пријатели коментираат дека имал уште многу да му даде на светот и на заедницата, а трагичната вест од Чешка беше дочекана со неверување во земјава.
Душко е син на познатиот бизнисмен и професор Ванчо Чифлиганец. Беше заменик претседател на „Адора бизнис групација“ од Скопје и директор на Adora Living Solutions, но и голем хуманист кој семејно помагаше во многу спортски и хуманитарни акции.
Фамилијата Чифлиганец одамна е позната во земјава по својата општествена одговорност. Во 2014 година Ванчо Чифлиганец ја основаше Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец за поддршка на социјално загрозените лица, сиромашните, болните, за доделување стипендии на талентираните ученици, студенти и вработени, за помош на науката, здравството, спортот, уметноста и културата, за поквалитетен живот денес и за подобра иднина на општеството во целина.
Исто така, тој ја има финансирано изградбата на цркавата Свети Јован Крстител во Ново Лисиче, и повеќе други верски споменици и обележја, а беше поддржувач и на повеќе домашни спортисти.
Неговиот син Душко тргна по неговите стапки, и важеше за успешен бизнисмен и човек со вродена општествена одговорност.
В.К.

