Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев деновиве со семејството одмора во соседна Грција. За Викимедиа вели дека за првпат е на летување во Неа Потидеа, и бил пријатно изненаден од гостопримството на кое наишол во хотелскиот комплекс, каде го дочекале со картичка со која му се заблагодаруваат што го избрал токму нивниот хотел за своја летна дестинација.Раскажува дека семејниот одмор е нешто кому секому му е потребно, посебно кога секојдневието е исполнето со работни обврски и времето минато со семејството секогаш е некако кратко и недоволно.

-Оваа година за првпат сме во Неа Потидеа и впечатоците се одлични. Заедно со сопругата Веселка, со синот Стојанче и ќерката Мила поминуваме квалитетно време во Потидеа Палас. Синот Никола оваа година не е со нас, тој е веќе ворзрасен, па се поретко не дружи, што е сосема разбирливо за негови години, вели градоначалникот.
Додава дека времето го минувале релаксирано покрај море, и открива кој дел од летувањето му е најзначаен.
-Тука се водените спортови, возење скутер на вода, времето минато на плажа. Но, најдоброто нешто од летувањето се долгите разговори со моите деца. Поради секојдневните работни активности и обврски, сите ние со радост ги чекаме овие денови, кога можеме да се посветиме едни на други.
По завршувањето на одморот, се знае, враќање назад и со полни батерии впуштање во нови проекти во интерес за нашето Кавадарци, порача градоначалникот Јанчев.
Тој беше познат во јавноста како сопственик на компанијата Кожувчанка, кога во 2017 година се кандидираше за градоначалник на Општина Кавадарци. На чело на општината е веќе осум години, а впечатливо е тоа што како ретко кој друг градоначалник во минатото, на изборите во 2021 година извојува победа со дури 72,35 проценти од гласовите.
На наредните локални избори есенва, ќе се бори за трет градоначалнички мандат.
Вики Клинчарова

