Неготинецот Димитар Спасов (36) кој пред три дена уби 62-годишен осуденик во Психијатриска болница Скопје во Бардовци, каде и двајцата биле сместени, е пренесен во КПУ Затвор Скопје, и се наоѓа во самица. Ова доаѓа откако Кривичниот суд во Скопје го прифатил предлогот на Обвинителството за определување мерка притвор од 30 дена.
Спасов беше сместен во установата во Бардовци, откако пред 12 години ја уби својата мајка Нада. Убиството го извршил во нивниот дом, според тогашните полициски информации, користејќи нож и сатар и изведувајќи грозоморни ритуали над жената. Ја убил на десет-годишнината од смртта на татко му.
Веднаш откако по убиството на мајката беше спроведен во затворот во Шутка, тој нападна други притвореници, по што беше преместен во психијатриска установа.
Одлуката да се лекува во психијатриската болница Бардовци ја донесе велешкиот суд, откако психијатрите го прогласиле за непресметлив, а исто така според нивното вештачење тој боледувал од параноидна халуциона шизофренија.
Но, во годините наназад неретко се случуваше Спасов да избега од установата, за што сведочеа и видео снимки кои самиот ги објавуваше на социјалните мрежи. Последен пат кога беше официјално евидентирано негово бегство се случи лани, и ноќта на 19-ти септември тој беше пронајден во Неготино, приведен од полицијата и спроведен во здравствената установа во Скопје.
Деск

