Голем број на љубители на животни и сопственици на домашни миленици од Скопје, а и од други градови во земјава, многу добро го знаат името на доктор Радомир Петрушијевиќ, односно на неговата ДВМ Ветеринарна амбуланта Ремедиум Вет. Тој е од оние ветеринарни доктори кој со цело срце им пристапува на милениците, и кој се соживува со емотивната состојба на нивните сопственици, во моментите кога бараат спас за миленичето. Но, како што раскажува за Викимедиа, иако секој случај со болно милениче има своја тежина, посебно би ги издвоил оние, кога станува збор за миленик на дете со попреченост.
Се поголем бил бројот на родители кои следејќи ја својата интуиција, или пак по совет од стручни лица, се решиле да земат куче или маче, како дел од терапијата за своето дете.
И токму тие разделби со миленик за кого немало спас поради болест или старост, и кога деца кои со години биле повлечени во својот свет, а покрај миленикот на некој начин се отвориле кон околината и покажале голем напредок, вели дека се едни од оние кои и тој како доктор претешко ги доживува.
-Веќе 17 години сум дел од ветеринарната професија и верувајте, ниту еден ден не поминал без да се соочам со приказни полни со емоции, човечност, нежност и безусловна љубов. Најтрогателни се оние моменти кога љубовта на домашниот миленик се влева токму таму каде што најмногу треба – кај дете со попреченост.
Во мојата кариера сум сведочел на многу ситуации каде што едно маче или куче станува многу повеќе од миленик. Станува терапија, другар, тишина што разбира, утеха во ноќите и радост во деновите.
Родителите ни пренесуваат сведоштва кои не оставаат никого рамнодушен – Како дете со аутизам почнало да изразува емоции, како дете со епилепсија се чувствува посигурно и помирно, како анксиозноста се намалила откако во домот се појави маче. Секоја таква приказна ни го стоплува срцето, но и не потсетува на одговорноста која ја носиме, вели д-р Петрушијевиќ.
Додава дека во овие приказни неретко доаѓа и оној најтежок дел – кога миленикот ќе се разболи, а родителите со полни очи надеж ќе го донесат во амбулантата, барајќи спас. Оти за нив, спасот за миленикот на некој начин е и спас за состојбата на нивното дете, кое покажало огромна поврзаност кон кучето или мачето, а во многу случаи и голем напредок во состојбата.
-Тогаш не се работи само за здравјето на животното. Се работи за стабилноста на едно дете, за кревкиот свет на една семејна структура. Во тие моменти, ветеринарот не е само лекар – тој е поддршка, советник, понекогаш и столбот на надежта. Даваме сè од себе – знаење, искуство, технологија, емоции – да го спасиме миленикот, бидејќи знаеме колку многу зависи од тоа еден детски живот.
Имавме случај на момче со епилепсија кое 14 години беше неразделно со својата мачка. Таа мачка беше повеќе од миленик – таа беше дел од неговата емоционална сигурност. За жал, возраста и болеста го направија своето. Тој период беше неверојатно тежок – и за семејството, и за нас. Момчето веќе беше возрасно и можеше да го сфати процесот на загуба, но болката не беше помала. А нашата професија, колку и да сме научени да носиме товар, во такви моменти тежи најмногу, раскажува докторот.
Вели дека понекогаш родителите се обидуваат да воведат нов миленик, но врската што еднаш се изградила е единствена. Новиот миленик можел да помогне, но не заменува. Тоа е процес кој бара време, трпение и многу љубов, појаснува д-р Петрушијевиќ.
-Ветеринарната медицина не е само работа со животни – тоа е длабоко хуман повик. Работиме со срцата на луѓето, преку нивните најчисти врски – оние со милениците. И кога тие миленици се спас за душата на дете со попреченост, нашата работа станува светост, појаснува тој.
Околу придобвиките од чување на милениче во домот, посебно кога станува збор за деца со попреченост, и во минатото се воделе многу дискусии. Искусни дефектолози неретко истакнуваат дека кога ќе се донесе миленик во домот, се активира социјалното поведение на децата, што е од огромна важност за децата со попреченост. Кај децата со аутизам пак, милениците ја намалувале изолацијата, и биле од голема помош за оние деца кои не можат лесно да се поврзат со врсници или соученици.
Вики Клинчарова

