Раскошната вила Загреб, луксузно здание од камен, во близина на Опатија, која во Хрватска е позната како ,,Летниковецот на Бандиќ” во тек на вчерашниот ден на социјалните мрежи стана ,,Вилата на Мицкоски”.
Имено, фотографии од вилата за која активисти од СДСМ на социјалните мрежи тврдеа дека е во сопственост на премиерот Христијан Мицкоски, односно на членови на неговото семејство, се објавија и во неколку медиуми, па се отворија јавните дискусии како премиерот заработил такво богатство, за да може да си дозволи вила која вреди повеќе од милион евра.
Сепак, уникатната градба која не е во ничија приватна сопственост, и во минатото беше актуелна во јавност. Вила Загреб со децении наназад припаѓаше на градот Загреб, и ја користеа тамошните градоначалници, а изминатите години е актуелна поради спорот помеѓу градот и државата, која пред десет години го превзела управувањето со вилата, и го доделила на Министерството за градежни работи.

Foto: Matija Djanjesic
Во Хрватска вилата е најпрепознатлива како ,,Летниковецот на Бандиќ” бидејќи поранешниот градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ (1955-2021) најчесто престојувал таму. Со оглед на тоа дека тој беше градоначалник на Загреб со најдолг стаж, односно од 2005 до 2021 година, со краток прекин поради суспензија, тој минувал многу време во камената вила.
И неговата претходничка, поранешната градоначалничка Весна Павиќ, за време на својот мандат одморала во истата вила. Во постара репортажа за хрватските медиуми таа раскажуваше за одморите кои ги минувала во вилата, во која сместувањето било бесплатно за градоначалниците на Загреб, но секој градоначалник сам си ги плаќал трошоците за време на престојот.
Павиќ раскажа дека вилата ја изградил италијански бродосопственик од Трст, кој имал дете со попреченост, па за да го привлече и задржи вниманието на детето, во вилата биле вградени интересни детали, изработени од ситни камчиња, посебно на рабовите на терасите, а пак во некои скалила биле заѕидани школки, и слично. Љубовта кон детето и желбата да му се разубави и олесни секојдневието, најверојатно била пресудна за специфичноста која била дел од градбата.
Потоа, во 60-те години на минатиот век, вилата ја купил тогашниот градоначалник Веќеслав Хољевац, поради репрезентативни цели и таму биле сместувани гостите на Град Загреб кои доаѓале од други краеви.
Сега, додека траел спорот помеѓу градот и државата, хрватските медиуми пренесуваат дека вилата била запуштена и неодржувана. Вчерашните тврдења пак, дека е таен имот на премиерот Мицкоски, барем на кратко и ја вратија актуелноста и потсетија на уникатната градба, која сепак не е во ничија приватна сопственост, туку е државен имот на Хрватска.
В.К.

